Градинката е изградена во 1974 година и оттогаш не била подложена на значителни зафати за реновирање. Со грантот во износ од 90,000 долари, градинката ќе добие енергетски ефикасна фасада, прозори и опремување на внатрешноста, додека со сопствени средства се врши промена на азбестниот покрив.
Градежните зафати започнаа кон крај на октомври, а во зависност од временските услови, се очекува да завршат во февруари следната година.
Со оваа инвестиција значително се намалуваат здравствените ризици за децата и вработените предизвикани од дотраениот азбестен покрив, додека трошоците за затоплување и ладење на просториите се очекува да се намалат околу 30%, со што се очекуваат значителни заштеди кои дополнително ќе се насочат за подобрување на условите за функционирање на објектот.
Доделениот грант е еден од четирите инфраструктурни грантови кои се доделени од компонентата за зајакната социјална вклученост и подобрени услови за живот и локална инфраструктура. Покрај Крива Паланка, грантови за инфраструктурни подобрувања се доделени и на општините Македонски Брод, Желино и Кавадарци.