Еден од клучните предуслови за ширење на релевантни и квалитетни информации до јавноста е зајакнувањето на капацитетите на новинарите, за да се овозможи рамномерно и длабинско покривање на процесот на пристапување во ЕУ. Во соработка со Секретаријатот за европски прашања, проектот организираше четири работилници за новинари во регионални медиуми во Велес, Струмица, Битола и Тетово како и тркалезната маса за „Улогата и важноста на медиумите во процесот на интеграција во ЕУ - партнерство, транспарентност и одговорност“ во Скопје, во насока на воспоставување на одржливо партнерство засновано на транспарентна работа како и одговорно известување.
На тркалезната маса, свои поздравни говори имаа државната секретарка и заменик главен преговарач со ЕУ, г-ѓа Дрита Абдиу- Халили и г. Микаел Атерхог, раководител на развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија.
Г-ѓа Абдиу-Халили во своето обраќање го истакна значењето на медиумите и медиумското известување во рамки на процесот на преговори со Унијата.
Моќта во едно демократско општество треба да потекнува од граѓаните и затоа главниот предизвик со кој се соочуваме е да ги обезбедиме граѓаните со правилни и квалитетни информации, за да можат да носат одлуки базирани врз точни информации. За тоа неопходно е да се создадат услови за отворен дијалог преку европеизација на јавниот простор, во кој, покрај медиумите, ќе бидат вклучени и другите актери на овој процес, како што се политичките партии, Владата, академската заедница и граѓанскиот сектор, посочи г-ѓа Абдиу- Халили.
Г. Драган Тилев, државен советник во Секретаријатот за европски прашања во својата презентација „ЕУ и Северна Македонија, важноста на процесот и разбирање на техничките аспекти и улогата на медиумите“ направи преглед на тековниот скрининг процес, напорите на СЕП за комуникација на процесот на интеграција во ЕУ и соработката со медиумите. За регионалните искуства во процесот на преговори и пристапување во ЕУ на Хрватска и Србија зборуваа г. Владимир Дробњак, поранешен главен преговарач на Република Хрватска за членство во Европската Унија и г. Владимир Меџак, поранешен помошник директор на канцеларијата за европска интеграција, Република Србија. Исто така, за гледиштето на медиумите во процесот на пристапување во ЕУ, нивното влијание во креирањето на јавното мислење и познавање на процесот зборуваа и новинари и претставници на новинарски здружанија од Северна Македонија и Србија.
Овој настан имаше за цел да ја зајакне соработка меѓу Владата и медиумите со оглед на важноста на евроинтеграциските процеси за целото општество на Северна Македонија, а главната цел е да се продолжат напорите за воспоставување на одржливо партнерство засновано на транспарентна работа како и одговорно известување.